Маркера Вондрушова од Чешка е првата финалистка на Вимблдон откако неочекувано лесно и убедливо ја преслуша Свитолина со 2-0 во сетови. Откако ги доби последните два дуели со денешната ривалка со само седум загубени гејма, Вондрушова повторно одигра маестрален дуел во кој доминираше и заслужено се најде до своето прво вимблдонско финале, второ на гранслем турнирите откако во 2019 година играше и за титулата на Ролан Гарос, но загуби од Ешли Барти.
Вондрушова воопшто не е меѓу носителките бидејќи моментно се наоѓа на 42. место на ВТА-листата, но тоа не и пречеше на чешката тенисерка со ново маестрално издание да дојде на уште еден чекор поблиску до големиот трофеј. Дуелот беше израмнет само до 3-3, кога Свитолина почна да се соочува со сериозни проблеми на свој сервис. Вондрушова фуриозно го заврши сетот со 6-3, а потоа уште помоќно продолжи во вториот дел од мечот. Таа набрзина поведе со 4-0, a потоа пропушти пет топки за 5-0 во вториот сет. Свитолина не само што ја прекина серијата на противничката, туку со три гејма во низа се врати во мечот, намалувајќи на 4-3 во гејмови.
Сепак, украинската тенисерка потклекна кога беше најважно, влезе во серија неизнудени грешки на свој сервис, па Вондрушова поведе со 5-3, по што не дозволи ново изненадување до крајот и на сопствен сервис ја запечати победата со конечни 6-3, 6-3.
Противничка на чешката тенисерка во големото финале закажано за сабота ќе биде подобрата од вториот полуфинален дуел меѓу Жабур и Сабаленка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

