„Воска и Гостивар координирано ја напуштија лигата и не поради судиски грешки…, случајот Кожуф-Башкими ќе се разоткрие до крај!“

Претседателот на фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ како заокружување на сезоната во домашниот клупски фудбал, денеска на средба со медиумите без задршка со одговор на сите отворени теми кои изминатава пролет ја мачеа домашната фудбалска јавност.

Меѓу нив секако и за напуштањето на лигата од страна на Воска Спорт и Гостивар, што, без сомнение, е реткост насекаде во фудбалот.

„Напуштањата на лигите во фудбалот се навистина реткост, секаде во светот. Кај нас се случи нешто кое што беше координирано. Мислеа дека ќе има повеќе клубови кои ќе ја напуштат, но поголемиот дел од клубовите јасно ја видеа целта и приказните кои стоеја зад се тоа што се случи. Факт е дека судиски грешки имало и ќе има, па дури и по имплементација на ВАР, затоа што и тука одлучува, на крајот на краиштата, човечки фактор. Но, напуштањето на Воска и Гостивар воопшто не беше поради судиски грешки, но со друга позадина. Мене ми е навистина жал што клубови ја напуштија лигата, но тоа беше исклучиво нивна одлука, никој не ги избрка ниту Воска ниту Гостивар, а имавме најави и сознанија дека ќе направат такво нешто. И, ете воопшто не е случајно што ги одбираа натпреварите против Вардар. Воска не ја напушти лигата поради судиите. Напротив, напушти при резултат 1-1, во меч без судиски грешки, со се уште шанси за опстанок, и извесно е дека чекаа да ги добијат тие 150.000 евра исплата од ФФМ, а потоа се повлекоа. Затоа што уште за време на зимската пауза имаа неуспешен обид за продажба, а потоа чекаше некој со пари да излезе од клубот. И желбата беше да се направи некаква тензија која нема никаква врска со фудбал, а тоа го открија и во самото соопштение во кое изнесоа напад дека ‘првиот човек на ФФМ е против албанските клубови’, што е навистина огромен апсурд, затоа што сите многу добро знаат дека во ова ФФМ уште кога дојдов кажав дека ниту има ниту ќе има било каква поделба на национална и верска основа“ – истакна Омерагиќ.

Отворено и за случајот Кожуф-Башкими и срамниот натпревар кој го привлече вниманието и на УЕФА.

„Тој натпревар меѓу Кожуф и Башкими најблаго кажано може да се оквалификува како срамен. Имаше реакција од целата домашна спортска јавност, но веднаш следниот ден добивме официјална реакција и од УЕФА со барање за објаснување на сите случувања. И сите чекори кои досега ги презедовме околу тој меч се согласно правилниците, казните кои досега се изречени се согласно фактите, изјавите од учесниците и службените лица на мечот но и согласно материјалните факти. Добро е што има фудбалери со совест кои одлучија и да дадат изјави за сите случувања. Она што го знам е дека воопшто нема да биде заштитен никој, но секако и нема да казниме никого на основа на шпекулации. Можеби некој има некакви очекувања, но ние нема да се водиме врз основа на шпекулации, туку на фактите кои се на дело. Во сите досегашни изјави и материјални докази Башкими никој воопшто не го спомна. Јасно е, согласно правилниците, со оглед на очигледноста на нарушувањето на интегритетот на играта, натпреварот дека не може да биде регистриран и бодовите не се запишуваат. И така постапивме. А, понатака отворен е случајот, и предаден е на МВР и обвинителство. Знаеме сите дека овие нешта тешко се докажуваат, но ние не се враќаме назад од патот на расчистување на сите негативни нешта, посебно од овој тип, во домашниот фудбал. И ќе одиме до крај“ – рече првиот човек на ФФМ, и дополни:

„Ние размислуваме за промена и на Дисциплинскиот правилник, со оглед на тоа што некои казни за клучни нешта во фудбалот се навистина смешни. Па на следното Собрание на ФФМ ќе доставиме предлог и за промена на Дисциплинскиот правилник, за поригорозни казни посебно во делот во кој се нарушува безбедноста и интегритетот на фудбалската игра“.

Постапката за случајот Кожуф – Башкими се уште е отворена и понатака, и пред МВР и останатите државни институции..

„Постапката околу натпреварот се уште е отворена. Истрагата од страна на МВР, бидејќи сум во непосредна комуникација, постапката е во тек и на добар правец. Навистина експресно се работи на случајот, важно е што ние од самиот старт добро се насочивме, презедовме брзи чекори и мерки со добра насока, па целиот предмет по налог на ОЈО Гевгелија е веќе предаден на одделот на МВР за организиран криминал и корупција. Исто така во контакт сме со УЕФА, но ние ги информиравме за сите наши чекори околу тој случај и добивме одговор од нивна страна дека стојат на располагање доколку чувствуваме потреба да се вклучат и тие. Но, ние сме цврсто решени да покажеме дека, како федерација, максимално сме подготвени сами да го решиме случајот до крај“ – истакна Комесарот за безбедност и интегритет на фудбалската игра при ФФМ, Роберт Марковиќ.

Се вчитува...