Бесарт Имери нема да ја води Воска во историската прва сезона во елитното македонско фудбалско друштво, откако управата на клубот објави дека овој стратег повеќе не е шеф на стручниот штаб на новиот прволигаш.
Воска под водство на Имери го освои првото место во Втората лига и обезбеди промоција во елитата, но веднаш по завршувањето на сезоната пристигнаа информации дека раководството е во потрага по нов тренер, контактирајќи веќе неколку стратези. Потврдата стигна денеска, откако Воска официјално објави дека ја прекинува соработката со досегашниот тренер.
„Воска Спорт објавува дека Берат Имери повеќе нема да биде шеф на стручниот штаб. По неколку дена разговори не успеавме да најдеме заеднички јазик, по што беше донесена одлука за разделба. Воска му се заблагодарува на Имери за придонесот во периодот додека го водеше нашиот тим и му посакуваме многу среќа, здравје и успех во натамошната тренерска кариера. Веруваме дека еден ден нашите патишта повторно ќе се спојат“, објави ФК Воска.
Меѓу кандидатите кои се спомнуваат за наследник на Имери на клупата на Воска, се поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз и Срѓан Захариевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА