Раководството на Воска се закани со истапување од Првата лига по прекинатиот дуел со Вардар, што не се доигра откако охридскиот клуб реши да се повлече од теренот по постигнатиот израмнувачки погодок на гостите од Скопје.
Воска денеска на официјалниот профил на фејсбук објави видео со спорните моменти од натпреварот, со наслов „Двојни стандарди на мечот со Вардар“.
Соопштението на Воска го пренесуваме во целост…
„Двојни стандарди на мечот против Вардар.
Дуелот против Вардар беше проследен со серија на контроверзни одлуки од страна на главниот судија Стојанче Стојанов и неговите асистенти Александар Ѓорѓиески и Мартин Петковски кои го оштетија нашиот тим во 28. коло од Првата лига.
Овие се само некои од моментите кои ги отсликуваат двојните стандарди на мечот:
1. Регуларен гол за нашиот тим кој е поништен. Сликата е јасна, нашиот играч не игра со рака, ама судијата го поништи голот.
2. Идентична ситуација се случи една минута подоцна на спротивната страна. Играч на Вардар ја сопира топката со рака, но судијата дозволи играта да продолжи како ништо да не било.
3. Недосуден пенал – нашиот играч беше фаулиран во шеснаесетникот, но немаше реакција.
4. „Гол“ кој не беше гол. Топката не ја мина гол-линијата, но судијата реши да му направи услуга на противникот.
Овие моменти се само дел од неправдите кои ги почувствувавме за време на мечот, ама не беше така само и на овој дуел, туку и на други мечеви оваа сезона. Едностраните одлуки не се обични грешки, туку прават штета на првенството.
Во оваа ситуација, ние како клуб размислуваме дали да продолжиме да играме во лигата, а ќе информираме за тоа во следните денови.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА