Екипата на Воска донесе сериозно засилување за вториот дел од сезоната откако денеска беше потпишан договор со Ермендин Адем, 32-годишниот играч за врска кој доаѓа од таборот на прволигашот Македонија ЃП.
Адем беше меѓу најдобрите фудбалери на „лавовите“ во досегашниот дел од сезоната, воедно и капитен на прволигашот од Ѓорче Петрови, но тој сепак реши да ја напушти досегашната средина и да потпише договор со Воска.
„Со задоволство ве информираме дека денеска постигнавме договор со капитенот на Македонија Ѓ.П., Ермедин Адем. Договорот со овој квалитетен играч за врска е на 18 месеци, додека со неговото искуство се надеваме дека напролет овој средниот ред ќе го има вистинскиот сјај и дека неговото искуство ќе им помогне и на играчите од нападот да бидат максимално ефективни. Адем во есенската сезона со Македонија Ѓ.П одигра вкупно 14 натпревари, од кои 2 во Конференциската лига, откако минатата сезона го крена пехарот од Купот на Македонија. Токму со Македонија Ѓ.П, Ермедин Адем има одиграно најмногу натпревари во Првата лига, каде брои околу 250 натпревари и 33 постигнати голови. Потсетуваме, Адем претходно во кариерата настапуваше и за Шкупи, Милано од Куманово, Напредок, Тетекс и Ренова. Ова е само првиот чекор на Воска Спорт, кога се во прашање новите засилувања, бидејќи во наредните денови ќе ве запознаеме и со други новитети“, објавија од раководството на Воска.
Оваа екипа моментно се наоѓа на третото место на табелата во Втората лига со 34 бода, зад Гостивар со 37 и Вардар со 36 освоени бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА