Воска со тренерска смена: Разделба од Захариевски, тимот ќе го води Крека

Раководството на Воска се реши за тренерска смена во пресрет на новата сезона, откако денеска беше објавено дека охридскиот прволигаш се разделува од Срѓан Захариевски.

Под водство на поранешниот македонски репрезентативец тимот на Воска стигна до историското прво куп-финале каде што загуби од Тиквеш, но охриѓани со поинакви амбиции ќе влезат во новата сезона..

Како што е наведено во соопштението, ќе има сериозни проблеми и во играчкиот кадар со целосно изменет ростер за наредната сезона, а тимот ќе го води Сеит Крека.

„Воска ќе ги почне подготовките за сезоната 2024/25 на 27 јуни во Охрид. Подготовките ќе ги почнеме со многу промени во играчкиот и стручниот кадар, тимот ќе биде предводен од Сеит Крека, кој досега му беше помошник на досегашниот шеф на стручниот штаб, Срѓан Захариевски. Покрај промената на клупата, ќе има и промени во играчкиот кадар, каде ќе биде составен комплетно нов тим за наредната сезона. Би сакале да им се заблагодариме на сите играчи и тренери за придонесот што го дадоа за Воска во изминатиот период“, се вели во соопштението на овој македонски прволигаш.

Се вчитува...