Воска Спорт со предност од два гола против „лавовите“ на реваншот ќе брка историско финале во Купот на Македонија (ВИДЕО)

Фудбалерите на Воска Спорт со убава предност од 2-0 против Македонија ЃП ќе патуваат на реваншот од полуфиналето во Купот на Македонија.

На дуелот кој се одигра на СРЦ „Билјанини извори“, составот на Срѓан Захариевски сосема заслужено дојде до триумфот против „лавовите“ и е на добар пат да се избори за историски прво финале за клубот од Охрид.

Два одлични погодоци во период од само една минута, во 38. и во 39. минута, ја направија разликата на дуелот со кој Воска сега е блиску до финалето.

Најпрво во 38. минута, по нафрлањето на Бобан Георгиев, извонредно со глава реагираше Медим Бајрами кој мајсторски со лоб удар го изненади гостинскиот голман.

А, веќе во 39. минута, и самиот Георгиев по една грешка на гостите, постигна убав погодок со шут откосо за 2-0.

Во второто полувреме домашните, се чини, рутински ја бранеа предноста и покрај желбата на гостинскиот тим да дојде барем до почесен погодок.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ПОЛУФИНАЛЕ (први натпревари)
Охрид: ВОСКА СПОРТ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-0
Бајрами 38′, Георгиев 39′
Скопје: ШКУПИ – ТИКВЕШ 0-0

Се вчитува...