Аргентинскиот фудбалер, 29-годишниот Лукас Игнасио Пирес е убиен за време на тепачка со својот брат во Ла Матанза, предградие на Буенос Аирес.
Тој доби смртоносна повреда од скршено стаклено шише. Главен осомничен за убиството е неговиот брат, кој избегал по инцидентот, a полицијата се уште трага по него.
Според судски и полициски извори, Пирес претрпел длабока рана на десната подлактица, која оштетила артерија, предизвикувајќи смртоносно крварење.
Тој бил итно префрлен во болницата „Нестор Кирхнер“, но и покрај напорите на лекарите, починал поради сериозноста на повредата.
Медиумите од Аргентина објавија снимки од безбедносни камери на кои се гледа моментот кога, за време на расправија, едно лице го користи сечилото од скршено шише за сериозно да повреди друго.
Од Лукас Пирес се збогуваше и неговиот клуб…
„Клубот Алмиранте изразува сочувство за смртта на Лукас Пирес. Во овие тешки моменти, ние сме со семејството и оние што ни се најблиски“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Случајот го презеде Обвинителството за убиства во Ла Матанза, кое ја спроведува истрагата како можно убиство по семејна расправија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

