Каролин Вознијацки се закити со титулата на завршниот ВТА шампионат за оваа година, откако во големото финале во Сингапур славеше над Венус Вилијамс со 2-0 во сетови.
Ветеранката Вилијамс направи подвиг со самиот пласман во финалето, но во битката за трофејот немаше сили за да се спротивстави на расположената данска тенисерка. Вилијамс самата е виновна за поразот во првиот сет (3-6) во кој направи 12 неизнудени грешки наспроти само три на Вознијацки. Охрабрена од почетното водство, Данката целосно доминираше во вториот сет, експресно поведувајќи со 5-0, но Венус покажа фантастичен карактер намалувајќи на 5-4. Американката дури и сервираше за израмнување, но Вознијацки се разбуди во последен момент и стигна до заслужената победа, откако прикажа најмногу на теренот во Сингапур во изминатата седмица.
Покрај пехарот и значителната парична награда, Вознијацки со овој успех си обезбеди и скок на третото место на ВТА-листата, зад Халеп и Мугуруза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА