ВРЕМЕ Е ЗА ЕЛ КЛАСИКО: Нова ера без Меси и Рамос, и некои нови „клинци“ на дербито

Денеска се игра најголемото фудбалско дерби на Шпанија, и пошироко, популарното Ел Класико, дуел меѓу Барселона и Реал Мадрид на „Ноу Камп“. Карактеристично е што првпат по 16 години на Ел Класико ќе го нема Лионел Меси. Аргентинецот одигра 45 натпревари, постигна 26 гола, имаше и 14 асистенции, го соблече дресот на „Сантијаго Бернабе“, а сега веќе нема да биде исто. Почнува нова ера без Меси, и некои нови „клинци“ кои ќе треба да доминираат во следните години.

Тука се Фати, Педри, Гави, Мингеза кај Барса, Винисиус, Родриго, Камавинга, Ваљехо, Себаљос кај Реал, играчи кои ќе бидат дел од класиката во следните неколку години.

Кој ќе биде во предност? Реал Мадрид има поискусен тим, екипата не е во сјајна форма, но е во подобра од онаа на Барселона, иако „Каталонците“ врзаа две победи по ред. Искуството е на страната на „кралевите“ кои имаат играчи кои одиграле многу дербија, за разлика од Барса која има повеќе играчи кои за прв пат се соочуваат со овој меч како Депај, Де Јонг, Гарсија.

Модриќ, Касемиро, Крос, Бензема, Карвахал… имаат одиграно доста натпревари против Барселона, но и четата на Куман има адути како што се Бускетс, Пике, Алба, Тер Штеген…

Најголемата закана за Реал доаѓа од Мемфис Депај кој годинава игра во одлична форма, а на другата, страна, пак, се очекува многу од Бензема кој е како старо вино – што е постар, тоа е подобар.

„Потресите“ во Барса, новиот претседател, заминувањето на Меси и лошата форма се можеби главните адути на „кралевите“ за триумф. Ниту Реал Мадрид во моментов не може да се пофали со којзнае каква форма, барем не во првенството, иако имаше импресивна најава пред Ел-Класико и победа над Шахтјор во ЛШ од 5:0.

Се вчитува...