Време е за финале: Вардар или Еурофарм Пелистер, во чии раце ќе заврши трофејот

Вечните ривали Вардар и Еурофарм Пелистер ќе ги одмерат силите во денешното финале од Купот на Македонија што ќе се игра со почеток во 17.30 часот во салата Автокоманда, без присуство на публика на трибините. Актуелниот  освојувач на трофејот, тимот на Металург, беше елиминиран во полуфиналто од Вардар, па пехарот од денеска ќе има нов сопственик, останува да се види дали по 14. пат ќе заврши во рацете на „вардарци“, или пак по пауза од 16 години ќе заврши во Битола.

Нема дилема дека станува збор за пресметка на двата најдобри тима во мак-ракометот во моментов, а мотив плус за Еурофарм Пелистер е да покаже дека убедливиот пораз на првиот плејоф дуел со Вардар не е реално мерило за односот на силите.

„Јасно ни е дека против Вардар ќе биде многу потешко. Имаме силен ривал против нас и ќе мораме да одиграме многу подобро од оној прв меч во плејофот во Скопје. Знаеме дека можеме многу подобро и ќе сториме се за да го донесеме трофејот во Битола“, истакна Марио Танкоски.

Вардар е на чекор до шампионската титула, а денешното финале е добра можност да се стигне до двојна круна, прва по враќањето на Михајло Михајловски на чело на „црвено-црните“.

Претходно, со почеток во 14.30 часот, исто така во салата „Автокоманда“ ќе се одигра женското финале во Купот на Македонија, во кое ќе се сретнат Куманово и Вардар.

Се вчитува...