Денеска точно на пладне ќе се одржи долго очекуваната разврска во битката за раководење со Македонската Кошаркарска Федерација, со одржување на Вонредното собрание на кое клучна точка ќе биде гласањето на доверба или недоверба во работата на актуелниот претседател Петар Наумоски. Во изминатиот период бевме сведоци на бројни грешки во раководењето од страна на Наумоски, од кои најмногу страдаше сениорската репрезентација, со изборите на селектори и странци што не ги задоволија очекувањата.
Најважната позитивна работа што ја направи актуелниот претседател е цврстата битка за место на македонските кошаркари во екипите, истуркувајќи го на сила правилото за двајцата домашни играчи на терен и покрај гласното незадоволство на клубовите кои сакаа да го сменат, но не успеаја во тоа. Овојпат ситуацијата сепак е посериозна за Наумоски, бидејќи за ривал има кошаркарска легенда со реноме еднакво (ако не и поголемо) од неговото.
Владо Илиевски експресно по завршувањето на кариерата изрази желба да помогне во развојот на македонската кошарка. Во изминатите неколку месеци Илиевски имаше интензивни разговори со клубовите и здруженијата во мак-баскетот, од кој мнозинството му даде поддршка, потпишувајќи се на иницијативата за смена на Наумоски.
Сегашниот претседател исто така има свои адути во голем дел од здруженијата под контрола на федерацијата, така што сосема јасно е дека борбата ќе биде неизвесна.
Шанса во позадина ќе чека и поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц, кој најави дека би поднел кандидатура за претседател само доколку биде изгласана недоверба во сегашниот предводник, свесен дека во моментов нема потписи за да влезе во трката, па се надева дека би можел да ја преземе поддршката од дел од оние кои моментно се на страната на Наумоски за потоа да му ги замрси сметките на Владо Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА