Време е за кошаркарско шоу: Може ли Атаман да ги запре и светските шампиони

Се е подготвено за кошаркарско шоу, вечерва во 20 часот на програмата во Рига е големото финале на Евробаскет 2025 во кое Турција ќе го предизвика светскиот шампион Германија, во обид да ги спречи Германците да ги обединат светската и европската кошаркарска круна.

Турција само еднаш во изминатите 90 години се нашла на подиумот, на ЕП 2001 на домашен терен, оваа селекција никогаш досега не се закитила со големиот трофеј, но меѓу „црвено-белите“ владее оптимизам дека токму годинава можат да се закитат со историскиот прв пехар на големите натпреварувања.

Шенгун е лидер на теренот, одлични партии прикажуваат и Осман, Ларкин и Османи, но главен адут на Турците е селекторот Ергин Атаман, стратег што има три титули европски клупски првак и сега се надева и на првиот пехар во репрезентативната кошарка.

„Кога играм финалиња, јас сакам да ги победам, монгу ретко губам вакви мечеви за трофеи“, истакна Атаман во пресрет на вечерашниот дуел за златото.

Беспрекорниот напад е заштитен знак на Германците на ова ЕП, светските прваци имаат просек од неверојатни 101,4 поени по натпревар, па јасно е дека селекторот Ибрахимагиќ ќе стори се за неговата селекција да продолжи во ист ритам и во финалето, со што би стигнала до второто европско злато, по она во 1993 година.

„За мене е чест што сум дел од оваа група, силен колектив, сите играме заедно за остварување на зацртаната цел. Ќе се бориме за титулата, одговорноста е огромна, како светски шампиони, како бронзени од претходниот Евробаскет, сега играме финале во обид да стигнеме до нов пехар. Да уживаме во моментот, да се обидеме да одиграме најдобро што знаеме и да видиме што ќе се случи“, изјави Ибрахимагиќ, кој требаше да биде само дел од стручниот штаб на Германија, но го презеде кормилото на националниот тим по здравствените проблеми со кои се соочи селекторот Мумбру пред самиот старт на ЕП.

Се вчитува...