Време е за куп-финале: Алкалоид по прв трофеј, Е. Пелистер по прекин на постот што трае 19 години

Алкалоид и Е. Пелистер ќе излезат денеска на мегдан во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во големото финале од Купот на Македонија, дуел што ветува интересна битка за големиот трофеј кој секако претставува огромен мотив и за двете екипи. За Алкалоид ова е прво куп-финале во историјата, тимот на Кире Лазаров ги загуби двете плејоф пресметки од ривалот од Битола, но истото беше случај и со пресметките со Вардар, па Алкалоид го најде лекот за „црвено-црните“ во полуфиналето и во драматична пресметка се пласираше во финалето.

„Нашите играчи растат со секој нов натпревар. Немаше да биде незаслужено и Вардар да победи и да се пласира во финалето. Но, одлучи ете еден момент…. „Мислам дека функциониравме добро како тим и тоа е клучно. Галевски, да, одлучи на крајот и може да се издвои како поединец кој пресуди, но мислам дека целиот тим беше навистина максимално мотивиран и желен за ова финале“, изјави тренерот Лазаров.

Е. Пелистер е многу блиску до втората шампионска титула во низа, но битолчани се желни за двојна круна, откако лани го загубија финалето од Вардар. Фактот дека последниот куп-трофеј „пелистерци“ го освоија пред 19 години е само мотив повеќе за избраниците на Ангеловски да дојдат до посакуваниот пехар.

„E. Пелистер е максимално спремен и мотивиран за ова финале што не очекува. Со максимална концентрација, со техничка подготвеност и со срце на терен, со поддршка од чкембарите и од нашите навивачи се надеваме на позитивен резултат и после 19 години ќе го вратиме куп-трофејот во Битола“, порачува Жарко Пешевски, еден од најдобрите ракометари на „пелистерци“ оваа сезона.

Претходно, со почеток во 16 часот ќе стартува финалето во Купот на Македонија во женска конкуренција, во кое силите ќе ги одморат Чаир и Ѓорче Петров.

Се вчитува...