На Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, вечерва ќе се решава победникот во Купот на Македонија. За некои очекувано, за некои не, во финална битка се најдоа тимовите на Воска Спорт и Тиквеш. Македонија ЃП после две години „владеење“, го предаде тронот, откако загуби во полуфиналето од Воска. Тиквеш, пак, на патот до финалето го елиминираше Шкупи.
За некого ова ќе биде прв трофеј. Двата тима за првпат се во финалниот меч, и освојувачот за првпат ќе обезбеди и учество во Европа. Воска може да го освои пехарот како дебитант во Првата лига. Двете екипи обезбедија директен опстанок, и сега може да се фокусираат само кон овој најважен за нив натпревар сезонава.
Во Куп финалињата нема фаворити. Во минатото сме биле сведоци на интересни натпревари со многу голови, но и некои од нив кои биле со многу борба, тврди, па се решавале преку пеналите, како што беше случај на последните две, кога „лавовите“ од Ѓорче Петров го подигаа пехарот.
И двата тима си имаат свои очекувања и желби пред вечерашната пресметка.
„Очекувам добар натпревар. Тиквеш е квалитетна екипа, играат офанзивен фудбал и заслужено се тука. Ние исто така имаме свои очекувања од мечот за титула. Многу е поинаку од моите претходни искуства во вакви натпревари. Веројатно и многу поголем предизвик. Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин” – истакна голманот на Воска Спорт, Костадин Захов на вчерашната прес-конференција.
Сосема еднакво е размислувањето и на капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски.
„Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот. Ќе дадеме се од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци. Moже само да претпоставите што ќе биде во Кавадарци ако утре вечер го однесеме пехарот. Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“ – вели Вареловски, капитенот на Тиквеш.
Сите интересни моменти од вечерашното финале, следете ги на ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА