Време е за мајсторка: Работнички и Блокотехна ќе бијат битка за финале

Работнички и Блокотехна лесно ги добиваа досегашните домашни натпревари, по првите четири дуели резултатот е израмнет (2-2), па денешната мајсторка (19 часот, СЦ „Борис Трајковски“) ќе го даде името на вториот финалист кој ќе се сретне со МЗТ Скопје во големото финале. „Центарци“ како домаќини на овој меч, но и како актуелни прваци ќе ја имаат улогата на фаворити.

Впрочем, на последните две средби во СЦ „Борис Трајковски“ тие славеа со 87-79 и 91-73, не дозволувајќи триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање. На тие средби извонреден беше ветеранот Чековски, кој и вечерва би требало да биде значаен адут во битката за победата.

Блокотехна сезонава веќе играше две финалиња, победа во БИБЛ и пораз во Купот на Македонија, а за место во големото финале од плејофот ќе мора да се најде начин да се совлада Работнички во Скопје.

„Ако одиграме како што знаеме, можеме да се надеваме на триумф. Не го сторивме тоа на претходните два меча во Скопје, но свесни сме дека ова ни е последна шанса и ќе дадеме се за да ја искористиме“ – порачуваат од таборот на Блокотехна во пресрет на денешната мајсторка.

Се вчитува...