Актуелниот македонски шампион Еурофарм Пелистер вечерва на домашен терен ќе го пречека двократниот европски шампион Вардар во првиот натпревар од плеј-офот во ракометната Суперлига на Македонија.
По првиот дел од сезоната вардарци влагаат со бод предност пред големиот ривал, откако во двомечот во регуларниот дел беа за нијанса подобри од својот противник. Тренерот на „црвено-црните“ Владо Недановски пред мечот фаворитската улога му ја препушта на противникот, но вели дека неговите играчи не заминуваат во Битола без надеж.
„Не е важно дали е прво или петто или десетто коло натпреварите против Пелистер секогаш се тешки. Тоа што се среќаваме веднаш на стартот не менува ништо. Фаворит е Пелистер, но ние не одиме без никаква надеж во Битола. Се надеваме на добар резултат и ќе дадеме максимум на овој меч. Како што го нарекуваат сите македонско „Ел класико“ овој меч го оправдува тоа име. Играат двата најголеми ривали и само една знам дека ќе е возбудлив и интересен натпревар. Околу нашите нови засилува сметам дека дојдоа во лош период бидејќи имаме малку време за да ги вклопиме во системот“, вели Недановски.
„Црвено-црните“ на стартот на втората полусезона ќе тргнат без еден од најдобрите играчи, „моторот“ на екипата Косуке Јасухира кој е повреден, а засилени со Мохамед Тарик Бакар, Немања Гојковиќ и голманот Марко Богдановски. Од друга страна, пелистерци за време на паузата меѓу двете полусезони остана без неколку ракометари. Замина еден од носителите на играта Каспер Кисум, како и Стевановиќ, Дејвис и Нилсен, додека тимот беше засилен со Манасков и Пиеховски кои нема да играат со Вардар.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА