„Врие“ и во Франција: Дешамп го прозва Гризман, напаѓачот на Атлетико е бесен

Франција има четири бода по првите две рунди во групата, практично е пласирана во осминафиналето од ЕВРО 2024, па затоа е неочекувано што дојде до конфликт и во таборот на „триколорите“ откако селекторот Дидие Дешамп на прес-конференција го прозва Антоан Гризман за слабите игри против Австрија и против Холандија.

Гризман е најстандардниот француски репрезентативец откако Дешамп е селектор, па затоа изненадува што по критиките од медиумите кормиларот на „триколорите“ не го заштити напаѓачот на Атлетико Мадрид, кој згора на тоа на овој шампионат е прекомандуван во средниот ред на националниот тим.

„Зад Гризман е тешка сезона. Не е лесно да се биде во срцето на средниот ред кога средбите се со таков интензитет, нормално е што тој се мачи. Не е тајна дека очекуваме повеќе од него, како и од дел од останатите фудбалери“, изјавил Дешамп на вчерашната прес-конференција.

Француските медиуми најавија дека Гризман ќе биде преселен на клупата за резерви против Полска, а весникот „Л’ЕКип“ објави дека Гризман бил бесен по ваквиот коментар на селекторот на собирот со медиумите. Гризман смета дека експериментот со неговата улога (играше во средниот ред со Австрија, потоа во нападот против Холандија) е една од причините за неговите послаби изданија, а одлуката Дешамп да не преземе дел од вината врз себе дополнително го исфрустрирала голгетерот.

Се очекува тој денешниот дуел да го проследи од клупата за резерви, но интересно ќе биде да се види дали Дешамп ќе го врати Гризман во тимот од стартот на нокаут фазата на овој европски шампионат.

Се вчитува...