Бура владее во таборот на Баерн Минхен во пресрет на полуфиналето од Лигата на Шампионите со Реал Мадрид откако Ули Хенес отворено го критикуваше Томас Тухел за начинот на кој овој стратег го водеше тимот сезонава.
Хенес не крие дека е разочаран од односот на трофејниот стратег кој имал премногу желби на пазарот најместо да се фокусира на играчите кои ги има на располагање и кои веќе освојуваа титули со Баерн.
„За Тухел јас лично имав еден проблем. Тој мисли дека не може да го унапреди Александар Павловиќ, ниту пак Мусијала и Алфонсо Дејвис. Наместо да работи со овие играчи кои ги имаме и кои се иднината на Баерн, тој цело време бараше нови засилувања. Ние така не функционираме, затоа и се решивме да побараме нов тренер“, изјави Хенес.
Не требаше многу да се дојде до одговор од Тухел, кој не го криеше разочарувањето од коментарите на својот работодавец.
„Се работи за нешто што е толку далеку од реалноста што вообичаено не би го коментирал, но бидејќи доаѓаат од нашиот шеф Ули Хенес имаат посебна тежина. Не знам како да одговорам, а од друга страна не можам ни да проголтам она што го слушнав. Тој ја повреди мојата тренерска чест. Ако нешто имам докажано во својата тренерска кариера, тоа е дека секогаш им давам шанса на фудбалерите од младинските академиии во клубовите во кои работев“, истакна Томас Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА