Ситуацијата во францускиот табор со вирусот што се шири меѓу фудбалерите станува алармантна, откако двајца играчи кои беа стартери против Мароко не беа во можност да тренираат денеска со остатокот од селекцијата.
Станува збор за дефанзивецит Варан и Конате, кои се пожалиле на истите симптоми како и неколкумина останати фудбалери. Само за потсетување, Рабио и Упамекано поради истиот вирус не настапија на полуфиналето со Мароко, а веднаш по мечот симптоми разви и Кингсли Коман.
Дешамп се соочува со сериозен предизвик да ја состави одбранбената линија, а според информациите од францускиот табор особено очигледни биле симптомите кај Конате, па дефанзивецот на Ливерпул има само минимални шанси за настап во финалето. Покрај нив, поради повреди денеска не тренираа левиот бек Тео Хернандез и плејмејкерот Чуамени, за зголемување на главоболките на селекторот.
„Триколорите“ сега се обидуваат да го лимитираат и дружењето на фудбалерите, се со цел да се спречи заразата, бидејќи на два дена до големото финале нема доволно време за целосна рехабилитација ако болеста се рашири меѓу повеќе репрезентативци. Сепак, Дешамп очигледно ќе мора да почека до неколку часа пред големото финале пред да ја донесе конечната одлука за стартерите против Аргентина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА