Во годината кога го прославува својот 10-годишен јубилеј, ЕКИПА со официјална промоција на уште пет нови имиња кои го добиваат веќе востановеното признание „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“. Откако пред пет години ова признание замина во рацете на Горан Пандев, Кирил Лазаров, Дарко Панчев, Шабан Трстена и Перо Антиќ, сега пет нови имиња на десетгодишнината со место меѓу врвните македонски спортски асови. Имиња кои, без сомнение, максимално ја задолжиле Македонија засекогаш останувајќи запишани во аналите на македонскиот спорт. Од оваа година и во „Куќата на Асови на ЕКИПА“.
================================================================================================
ЕКИПА немаше ниту најмала дилема меѓу петте нови имиња во „Куќата на асови“ да биде и најдобриот македонски одбојкар во историјата на независниот македонски спорт, Никола Ѓоргиев. Лидерот на првата македонска генерација одбојкари која обезбеди настап на Европско првенство 2019 година. Освојувач на сребрениот медал со Македонија во Европската одбојкарска лига во 2015 и во 2016 година, шампион на Франција со Париз волеј, двократен шампион на Србија со Раднички Крагујевац, двократен шампион на Јапонија со Торај. Личност која, без сомнение, и тоа како се издвојува по својот уникат и на спортскиот терен и надвор од него.
„Искрено ова признание многу ми значи. Наградите во Македонија многу повеќе ми значат од тие во странство. Ова ми е прва награда од спортски медиуми во Македонија и навистина сум среќен што ја добивам. Наградата ми претставува уште поголем потстрек да работиме уште повеќе заедно со цела екипа, со цела репрезентација па за пет години некој друг одбојкар да се закити со вашето признание“ – го почна нашиот разговор капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, веднаш во ист глас дополнувајќи:
ГОРД СУМ ШТО СО ОВА ПРИЗНАНИЕ ОД ЕКИПА СУМ РАМО ДО РАМО СО ТАКВИ СПОРТСКИ ВЕЛИЧИНИ ОД ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ
„Мило ми е што се наоѓам во друштво на десет легенди на македонскиот спорт кои го добиле вашето признание. Привилегиран сум и пресреќен. Горд сум на овој успех со тоа што сум рамо до рамо со такви спортски величини и пред се луѓе. Се надевам дека секој ден ќе го оправдам признанието и ќе ставам темели на одбојката за што повеќе награди и да испишуваме што поголема историја“.
ИСПОЛНИВ ДВА ОД МОИТЕ ТРИ ОДБОЈКАРСКИ СОНА….
Колку се чинеше невозможно на почетокот на репрезентативната кариера, да ја водиш Македонија на едно ЕП?
„Искрено уште од 2005 година кога заминав во Србија на 17-годишна возраст јас сонував за тоа. Првите десет години од мојата интернационална кариера минаа постојано пратени од ставовите на останатите кои ми одзвонуваа во глава дека Македонија нема одбојка. Токму поради тоа во мене проработе некој инает постојано говорејќи дека еден ден ќе чуете за Македонија и ќе играме на Европско првенство. Имав три сона во мојата репрезентативна кариера. Првиот беше сон беше Европска лига, вториот сон Светска лига и трето како шлаг на тортата Европско првенство. Европска лига игравме и за жал изгубивме од Естонија и Словенија и не се пласиравме во Светска лига. Таа желба ми остана неисполнета, но не е така лошо бидејќи успеав да остварам две од три желби, што мислам дека е добро. Успеавме двапати да се пласираме на Европско, сега за две години ќе бидеме и ко-домаќини со што покажуваме една конзистентност и дека добро работиме“.
Кое е нивото на одбојката во нашата држава? Имаш богата интернационална кариера, па лесно може да се компарира… Што е она што треба прво да се менува за да тргне на подобро?
„Во мојата кариера каде и да играм секогаш првото кое го кажувам е дека најважен ми е репрезентативниот успех, а сето тоа ќе се рефлектира и во клупската одбојка. Се надевам дека репрезентативниот успех го направивме, 2023 година ќе бидеме уште подобри. Мене ми се допаѓа како се одвиваат работите во Македонија. Има најави дека следнава година во лигата ќе има 12 екипи, а дури четири ќе имаат навистина голем квалитет. Ќе има добар квалитет, а со тоа и поголема гледаност. Благодарен сум што има и ТВ-преноси на дерби натпреварите. Се надевам дека одбојкарските центри како Крушево, Прилеп, Велес, Пробиштип, Штип, Струмица, Тетово ќе имаат уште подобри екипи и со сето тоа ќе ги афирмираат младите бидејќи се започнува со нив“.
НЕ ЗНАМ ДАЛИ СЕЛЕКТОРСКАТА ПРОМЕНА ВЛИЈАЕШЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ НА ЕП 2021, НО ДЕФИНИТИВНО НЕ ОДИГРАВМЕ КАКО ШТО ЗНАЕМЕ И УМЕЕМЕ
Како го оценуваш настапот на ЕП 2021 и колку имаше влијание селекторската смена на еден месец пред ЕП?
„Не знам дали селекторската промена влијаеше или не на резултатите на ЕП. Но, дефинитивно не одигравме како што умееме и како што знаеме. Искрено не сум задоволен. Сега можам да тврдам и за 50 години истото ќе го зборувам дека ние сме подобра екипа од Финска и сега бевме и пред две години. Дали тој прв натпревар, тој стрес, дали таа победи или ‘умри-фраза’ психички ни делува многу лошо? Навистина не знам што да кажам. Гледате две европски првенства почнавме многу лошо. Во Словенија успеавме да се подигнеме потоа, но на последниот шампионат не. Пет порази и мислам дека тоа не е реалната слика. Мора тоа да го прифатиме и да учиме од грешките и да направиме анализа. Да слегнат емоциите и да направиме план за следното европско, бидејќи јас не би сакал повторно да имаме пет порази“.
Каква е иднината на мак-одбојката, може ли да се очекува подобар резултат на следното ЕП на кое ќе бидеме ко-домаќини?
„Веќе не сме така млади, а за две години ќе бидеме уште постари. Пет натпревари во седум дена се виде и сега дека беа тешки. За две години јас ќе имам 35 години, Владо Милев 36, брат ми 31, Љафта 33, Николов 33, Деспотовски 36, Шаби некаде околу 30. Ќе бидеме една постара генерација, но се надевам дека тогаш короната ќе биде минато и со полн „Борис Трајковски“ и со голема поддршка од трибините ќе одиграме одлични мечеви против сите репрезентации. Разликата меѓу најдобрите и послабите веќе се намалува. Ќе треба да се направи добра стратегија да видиме помладите Савовски, Илиев, Костиќ како ќе напредуваат. Да дојдат рамо до рамо со нас искусните па да можеме да ротираме повеќе. На заминување од Финска на сите им кажав дека очекувам следното лето кога ќе се собереме веќе да бидат оформени одбојкари и да бидат рамо до рамо со нас искусните. Имам многу знак прашалници, но најважно е да бидеме здрави и живи и таа енергија и сплоетеност што ја имаме да не краси и понатаму. Тогаш се ќе биде можно. Многумина ме коментираат за тоа што секогаш велам дека одиме на осминафинале иако сме аутсајдери, јас сметам дека мора така да размислуваме затоа што само амбицијата и вербата во себе може да не води напред. Се зависи од многу фактори, но се надевам дека со добра подготовка ќе можеме да ја поминеме групата. Прво да ги пребродиме овие две години сите на клупски план, да нема повреди и потоа ќе размислуваме и за тоа Европско првенство“.
РАЗМИСЛУВАМ ДАЛИ ПО КРАЈОТ НА КАРИЕРАТА ДА ПРОДОЛЖАМ ВО ОДБОЈКАТА ИЛИ ЦЕЛОСНО ДА СЕ ОДДАЛЕЧАМ ОД СПОРТОТ
Каде се гледа Никола Ѓоргиев по завршувањето на професионалната кариера?
„Ова е прашање кое се почесто и почесто си го поставувам. Не сакам да завршувам се уште, но годините полека веќе ме газат. Имам 33 години, а посебно е тоа што веќе долги години функциоирм максимално ангажирано. По активната сезона следи лето со репрезентација и почнувам да се чувствувам истрошен и уморен. Во репрезентација ти си тој што прави разлика и тоа почнува да си го зема данокот. Се надевам дека ќе издржам да играм уште четири-пет години. Би сакал да останам во одбојката, но дали ќе останам ќе видам. Професионалниот живот е суров, патувања и се тоа. На раскрсница сум дали да се оддалечам од одбојката и да живеам некој помирен живот или да продолжам со одбојката и да се пробам во некоја нова функција. Но, за тоа има време. Добро ќе размислиме. Засега се уште пред нас се предизвиците на терен!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА