ВТА: Серена е во право, третманот беше сексистички

Женската тениска асоцијација застана на страната на Серена Вилијамс и во соопштение практично го поддржа нејзиното обвинение за сексизам кај судијата кој во текот на финалето на УС Опен против Наоми Оска и изрече повеќе казни. Прво таа доби казна за кршење на протоколот поради „коучинг“, потоа и беше одземен поен за кршење на рекетот, а на крајот доби уште една санкција затоа што го нарече судијата „крадец“. Поради трите прекшоци и беше одземен гем, а Серена реагираше бурно и го обвини главниот судија за „секзизам“.

„Финалето го отвори прашањето за тоа дека постојат различни стандарди кај судиите во машкиот и во женскиот тенис. ВТА верува дека не треба да има разлика во стандардите околу толеранцијата во изразувањето на чувствата меѓу мажите и жените. Ние сме посветени на тоа сите играчи да имаат еднаков третман. Сметаме дека тоа не беше случај во женското финале на УС Опен“ – стои во соопштението од извршниот директор на ВТА, Стив Сајмон.

Асоцијацијата исто така смета дека не треба да има санкции за „коучинг“ за кој смета дека треба да биде дозволен за време на мечевите.

ВТА го поздравува големиот успех на младата Наоми Осака која во два сета ја победи Серена Вилијамс во финалето и дојде до првата гренслем титула во кариерата.

 

Се вчитува...