Втор отказ во КК Гостивар

Гостивар го продолжува мини-ремонтот во играчкиот кадар откако беше донесена одлука за разделба и од вториот Американец. По Малколм Армстед, од пред неколку дена член на КК Гостивар повеќе не е ниту Стаки Мозли, откако американскиот бек не ги задоволи вкусовите на управата и на стручниот штаб.

„Сино-белите“ имаат скор од три победи и три порази во првите шест овосезонски натпревари, што беше доволна причина за промени во играчкиот кадар.

„Мозли исто така повеќе не е член на нашиот тим. Решивме да ги замениме двајцата Американци, во потрага сме по нови засилувања кои наскоро би пристигнале во Гостивар. Исто така, во следните денови би можел да си замине и еден од домашните кошаркари“, изјавија за ЕКИПА од КК Гостивар.

Сезоната ќе продолжи викендот на 16/17 јануари кога Гостивар треба да се сретне со МЗТ Скопје 2, но лесно може да се случи тимот на Србиновски претходно да одигра еден од неколкуте одложени натпревари.

Се вчитува...