Втор тест против Чиле за подмладената Македонија

Ракометната репрезентација на Македонија денеска во 17.30 часот ќе го одигра и вториот пријателски натпревар против селекцијата на Чиле, откако нашиот национален тим славеше на првиот дуел одигран на 5 јануари. Селекторот Брестовац го искористи овој јануарски собир за експеримент, давајќи им шанса на помладите играчи да се докажат во репрезентативниот дрес, а денешниот дуел ќе биде нова можност за дел од нив да се наметнат и во иднина да станат стандардни во националната селекција.

Без оглед на фактот дека станува збор за пријателски натпревар, Брестовац очекува максимална борбеност и желба за победа.

„Јас секогаш сакам да победам, без разлика дали станува збор за официјален или за пријателски натпревар. Чиле е вистински ривал за ваков тип на натпревари, на првиот дуел бев презадоволен од одбраната, очекувам да одиграме на исто ниво и денеска. Ова беа добри подготовки за нас како стручен штаб да видиме на дело поголем број на млади ракометари“, изјави Брестовац.

Македонската репрезентација е прва резерва за настап на СП во Египет, но на три дена до почетокот на Мундијалот, шансите за повик во „пет до дванаесет“ се сведени на теорија, без оглед на проблемите со кои се соочуваат Чешка и Шведска со коронавирус во нивните табори.

Се вчитува...