Во шестото коло од Втората лига беа одиграни осум од предвидените десет натпревари по кои единствен непоразен тим во лигата е составот на Ангели, а прв пораз забележа тимот на Чаир 2030 кој беше совладан на домашен терен од Охрид.
Во групата „Исток“, Баскет КАМ славеше над Куманово со убедливи 90-54, Феникс 2010 им се врати на победите откако на домашен терен славеше над Ролинг 08 со 86-59, до 90 поени броеа и Ангели кои на домашен терен славеа над Пробаскет со +36 (90-54), а единствената гостинска победа ја забележа Борец Баскет кој славеше во Куманово со 81-85. Кумановци на овој натпревар ги служеше шутот за три поени, од каде постигнаа 42 поени, но сепак неизвената завршница замина во рацете на гостите од Велес. На 33 секунди до крајот на натпреварот, Стојменов постигна три поени за Борец со што велешани заминаа на предност од „плус“ четири, Куманово брзо возврати со поени, а мирната рака на Котевски од линијата за слободни фрлања беше пресудна за конечниот исход на натпреварот. Прв стрелец кај гостинскиот состав беше Владимир Брчков со 24 поени, Мартин Котевски натпреварот го заврши со 18 поени, додека Дамјан Стојменов и Петар Виларов натпреварот го завршија со по десет поени. Од оваа група одложен беше натпреварот помеѓу Струмица и Шкупи.
Во групата „Запад“ највозбудливиот натпревар беше одигран во „Шабан Трстена” каде Охрид стигна до важна победа од 71-82 против Чаир 2030 со што на скопјани им го нанесоа првиот пораз сезонава. Гостинска победа забележа и Пелистер Медика Карта кој славеше над Спорт Тим со 40-65, како и Хераклеа кој го доби неизвесниот натпревар во „Кале“ против Партизан Водно Санс со 85-90. Гостите славеа со тројката на Михаил Трајковски на 26 секунди пред крајот на натпреварот кога заминаа на предност од +6 (82-88). Единствен кој успеа да го одбрани домашниот терен беше Тетекс ТКК кој славеше со 81-75 против Спарта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА