ВТОРА ЛИГА – ИСТОК: Брегалница и Тиквеш почнаа со минимални победи, убедлива Победа

Најголемите фаворити за првото место во Втората лига – Исток, Брегалница и Тиквеш со минимални победи ја почнаа новата сезона.

Брегалница сосема заслужено стигна до победа на гостувањето против Саса во Македонска Каменица триумфирајќи со 0-1 со прекрасниот гол на Мартин Стојанов во втората минута од судиското продолжение во првото полувреме.

Тиквеш до победата дојде со голот на Методија Делов во 77. минута, кој по корнерот од левата страна со глава од неколку метри на вториот дирек прецизно стрелаше за победа.

Никола Костадинов, пак, со гол од пенал во 57. минута и Томица Петров во 65. минута донесоа победа за Кожуф во пресметката со Осогово.

Најубедливиот триумф го запиша прилепска Победа која на домашен терен славеше со 4-1 против Кит Го.

Сите четири гола прилепчани ги постигнаа во првото полувреме, а стрелци беа Јошески во 9. минута од слободен удар од 20 метри, Димоски во 15. минута, Димитријевски во 37. минута и Анѓелески во 40. минута од пенал. Ступиќ во 90. минута го постигна почесниот гол за Кит Го.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (1. КОЛО)
Каменица Саса – Брегалница 0-1
Плачковица – Тиквеш 0-1
Победа – Кит Го 4-1
Кожуф – Осогово 2-0
Росоман – Слога Виница 2-1

Се вчитува...