Почетокот на новата сезона во Втората кошаркарска лига донесе интересни натпревари ширум Македонија по кои на победи се радуваа Мега Баскет, Црн Дрим, Маџари, Соколи 1933 и Ангели.
Поранешниот прволигаш Ангели славеше на гостувањето во салата „Гемиџии“ против Борец Баскет со 86-90 во натпревар во кој искусниот Алесандар Штерјов постигна 37 поени за велешани, но истите не беа доволни за триумф. На спротивната страна блеснаа Балов и Стојанов со по 22 постигнати поени.
Претендетот за највисок пласман, екипата на Маџари триумфираше со гостинска победа над минатогодишниот прволигаш Охрид со 74-81. Во резултатската клацкалка во која два тима постојано го менуваа водството пресуди поискусниот скопски тим кој со агресивна одбрана направи пресврт во последната четвртина добивајќи ја со 22-9.
Во натпревар со повеќе од 200 постигнати поени Црн Дрим го совлада Партизан Водно Санс со 107-99, додека Соколи 1933 триумфираа над новајлијата во првенството Бутел со 72-80. Најубедлив триумф во првото коло забележа Мега Баскет која славеше над Академија ФМП со 86-63.
Првото коло ќе биде комплетирано со натпреварот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје УБ кој ќе биде одигран во понеделник со почеток од 18 часот и 15 минути во СРЦ „Кале“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА