Изненадувачки резултати донесе 26. коло од Втората фудбалска лига откако ниту еден од тимовите кои атакуваат на влез во елитното друштво не успеа да стигне до цел плен.
Дербито на колото се играше во Штип, каде Брегалница ремизираше со лидерот Македонија ЃП (0-0), дуел во кој и двата тима имаа свои шанси за гол, па се чини и најреално беше на крајот да заврши со поделба на пленот.
Ова не го искористија фудбалерите на Башкими, кои загубија со 1-0 на гостувањето против Осогово во Кочани. Арсими можеше добро да профитира викендов, но и овој клуб потфрли, играјќи само 0-0 против екипата на Детонит Плачковица.
Вардар Неготино славеше со 1-0 над Борец со гол во судиското продолжеине на Неделков за огромни три бода во трката за опстанок во вторлигашката конкуренција. Значајни бодови во истата трка обезбеди и Победа, со триумфот од 0-1 на гостувањето против Вардарски благодарение на голот што во последната минута го постигна Димоски.
Македонија ЃП е лидер со 57 бода, Башкими има 56 бода, третопласираниот Арсими има 55 бода, следи Брегалница со 52 бода. На дното, Победа и Вардар Неготино имаат по 30 бода, зад нив е Новаци со 29 бода, а на позициите кои водат во понизок ранг и бараж се Осогово (22), Борец (13) и Вардарски (11).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА