„Втора младост“ на Леброн: Неверојатна партија за нов рекорд и победа на Лејкерс (ВИДЕО)

ЛА Лејкерс на домашен терен славеше против Портланд со 114-106 во еден од синоќешните натпревари во НБА лигата.

Леброн Џејмс, кој пред само три дена наполни 40 години, доживува „втора кошаркарска младост“ одигрувајќи неверојатна партија во која за 36 минути минати на теренот постигна 38 поени, дополнети со три скока и осум асистенции.

Имаше одлична шутерска вечер со 7/10 од зад линијата за три поени, а вкупно упати 15 од 25 удари од поле. Со тоа се изедначи со Мајкл Џордан по број на натпревари со 30+ поени во историјата на НБА. Двајцата имаат по 562 такви меча.

Одлично го следеше и Макс Кристи со 28 поени, додека кај Портланд се издвои Анферни Симонс со 23 постигнати поени.

Голден Стејт славеше на домашен терен против Филаделфија со 139-105, Мајами загуби пред своите навивачи од Индијана со 115-128, Минесота беше поразена од Бостон со 115-118, Бруклин го победи Милвоки со 113-110 а Оклахома беше подобра од ЛА Клиперс со 116-98.

Се вчитува...