Женската ракометна репрезентација на Македонија по втор пат славеше против Фарски Острови со 28-24 и ја забележа втората победа во квалификациите за ЕП 2018 во Франција. Македонските ракометарки ги победија Фраски Острови и на гостувањето во Торшавн, фаворитската улога ја потврдија со триумф и во вториот меч во „Кале“ и оваа фаза од квалификациите ја завршија со максимален учинок со што теоретски, остануваат во игра за пласман на ЕП.
За разлика од несигурниот старт на првиот меч, на денешниот дуел, избраничките на селекторот Симе Симовски многу посигурно и поефикасно го отворија натпреварот. Добрата игра во одбраната и шесте одбрани на Дреагана Петковска во првата четвртина од мечот, ја донесоа посакуваната сигурност во играта на „црвено-жолтите“ , а тоа резултираше со водство од 8-3 во 15.минута од натпреварот.
Успешните интервенции на Петковска на голот отворија можност за лесни голови и брза реализација. Македонските ракометарки искористија поголем дел од овие шанси и на шест минути пред крај на првиот дел го зголемија водството на 12-7, а на одмор заминаа со сигурни +6 (14-8).
На стартот од второто полуврме, Македонија ја зголеми предноста на највисоки седум гола, но, серијата грешки потоа им одеше во прилог на гостинките кои направија серија од 3-0 и намалија на 16-12. Но, брзо беа корегирани грешките и Македонија одново се врати во ритам и на сигурни +7 (21-14). Да не беа тие осцилации во играта во вториот дел, македонската репрезентација, реално можеше и многу порано да направи уште поубедлива предност и мирно да влезе во финишот на овој дуел во кој беше квалитативно надмоќна.
Опуштеноста во финишот одново им даде шанса на ракометарките на Фарски Острови да ја намалат негативата и да избегнат катастрофален поразџ. На седум минути пред крај гостинките одново дојдоа на четири гола разлика (24-20)
Јована саздовска со седум и Елена Ѓоргиевска со шест гола беа најефикасни во македонската репрезентација, по три погодоци запишаа Ивана Гакидова, Мирјета Бајрамоска и Марија Штериова. Добра партија на голот имаше Драгана Петковска која запиша 11 одбрани.
По првите четири кола, Шведска и Србија се на првите две позиции во групата со по шест бода, Македонија е трета со четири, а Фарски Острови се на четвртото место без освоен бод.
Во последната фаза од квалификациите, Македонија на 30 мај во Скопје ја пречекува Шведска, а во завршниот меч на 3 јуни и гостува на Србија. Пласман на ЕП 2018 во Франција обезбедуваат првите две репрезентации од секоја групи и најдобрата третопласирана селекции во овој квалификациски циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА