Екипата на Струга стигна до втората овосезонска победа во Супер-лигата откако на домашен терен го совлада Радовиш со резултат 30-25. Радовишани дојдоа како „фенерџии“ на ова гостување, со надеж дека ќе успеат да ги прокнижат првите бодови сезонава, но на налетаа на помотивиран и поквалитетен противник кој заслужено стигна до победата.
Домашните ракометари целата работа ја завршија уште во првото полувреме, го отворија мечот со рана предност од 3-0 и 6-2 што нешто подоцна изнесуваше и седум гола (13-6). На одмор се замина со водство на Струга од 15-9, домаќините отворија со четири гола во низа во вториот дел и експресно стигнаа до двоцифрена предност (19-9), што му овозможи на домашниот тренер да им даде шанса на дел од помладите ракометари. Радовишани го искористија тоа за да ја намалат негативата на конечните пет гола разлика, но триумфот на стружани во ниту еден момент не беше доведен во прашање.
Костоски и Мијушковиќ ги предводеа стрелците во победничкиот тим со по седум погодоци, додека најефикасни во таборот на Радовиш беа Постолов и Атанасов со по пет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА