Второ издание на „Водно-Матка Треил Маратон” – 400 тркачи од 20 држави на една планина и еден кањон

Во фантастични временски услови, пријателска и позитивна атмосфера и со учество на околу 400 тркачи од 20 држави, вчера на падините на Водно и кањонот Матка се одржа второто издание на трката во планинско трчање „Водно Матка Треил Маратон”.

Учесниците на планинскиот маратон Водно-Матка (​www.vodnomatka.mk) ​имаа можност да бидат дел од две трки на 42 километри со висинско искачување од 3100 метри (маратон) и 26 километри со 1650 метри висинско искачување (полумаратон).

Маратонската трка на која учествуваа 108 учесници минуваше низ најинтересните и атрактивни делови на Водно и Матка, повеќе културно-историски споменици и природни убавини на скопскиот регион. Од стартуваните учесници, 102 успеаја да ја финишираат во временскиот лимит од 11 часа.

Најдобро време по втора година за ред поставува Александар Стојкоски од Прилеп со фантастично време до 4:42:35, а второ и третопласирани завршија Аслан Елези од Косово – 5:19:51, а трет Виган Хоџа 6:14:37

Во женска конкуренција најбрза беше Сања Најдовски со време од 6:42:26, втора беше Бугарката Теодора Захариева 6:51:28, а на трето место заврши Катерина Шиповиќ со време од 7:27:12.

На полумаратонската трка стартуваа 268 тркачи од кои 261 успеаја да влезат во финиш во предвидените 7 часа. Најбрз на оваа трка беше Марјан Бонев со време од 2:29:11, втор беше Никола Илиевски – 2:37:53, а трет Љубомир Тодоров од Бугарија – 2:40:30.

Во женска конкуренција прва беше Србинката Марија Ѓорѓевиќ 3:28:08, втора Бат-Шеба Ван Дер Берг од Холандија со време од 3:31:13, a на трето место заврши Ивана Пекевска со време од 3:37:49.

Резултатите можат да се пронајдат на следниот ​линк​.

Организатор на трката е здружението кое работи на промоција и развој на планинското трчање во Македонија – „Трекс” од Скопје. Целта на организаторите е настанот Водно-Матка да прерасне во еден од најголемите спортско-рекреативни настани во Скопје и да привлече уште поголем број на меѓународни учесници и тркачи од најразличен калибар.

 

Покрај овие трки, здружението „Трекс” ги организира трките Струмина Треил во Штип (од 2014 година), Крали Марко Треилс во Прилеп (од 2011 година), а од оваа година во мај, во коорганизација со Асоцијацијата „Спорт за сите – Сите за спорт” од Охрид, тие ќе го организираат првото издание на настанот „Охрид Треил” – трка во планинско трчање на планината Галичица.

 

 

Се вчитува...