Второ засилување во ист ден: Пролет го потпиша и Атанасовски

Пролет продолжува со засилувањата за вториот дел од оваа натпреварувачка сезона, па по потписот на десното крило Стоилевски нов член на скопскиот суперлигаш од денеска е и Стефан Атанасовски.

Станува збор за 25-годишен ракометар кој настапува на позицијата пивот и импресионира со својата корпулентност со која им создава големи проблеми на противниците во одбраната. Тој ја почна сезонава во тимот на Раховеци во косовскиот шампионат, имаше одлични партии и резултати со оваа екипа, но по заминувањето на македонскиот стратег Андоновски од кормилото и самиот Атанасовски реши да го напушти овој клуб.

Тој претходно има настапувано и во шампионатите на Катар и на Саудиска Арабија, а кариерата ја почна во школата на Вардар, настапуваше за втората екипа, а нешто подоцна и за првиот тим на скопските „црвено-црни“.

Се вчитува...