ВТОРОЛИГАШКА ТРЕНЕРСКА „ВРТЕЛЕШКА“: На клупата на Тетекс и Борец се сменија дури по пет тренери во една сезона!

  • Само Вардар, Охрид, Караорман ,Воска и Локомотива Пехчево не ги сменија тренерите до крајот на сезоната

Пишува

Миодраг Мицковиќ

И клубовите во единствената Втора лига на Македонија во годинашнава сезона не можат да се пофалат дека имале голема доверба во своите тренери. Многу познати тренерски имиња си заминаа предвреме, не го дочекаа крајот на првенството плаќајки го цехот за неуспесите. Некои дури и го претераа во менувањето, како што е тоа случај со Тетекс и Борец од Велес. На клупата на двата клуба сезонава седеа дури по пет тренери. Што е многу, многу е.

Ова е невистина своевиден рекорд во досегашните првенства на Вторите лиги во Македонија. Сезоната на смена на тренери ја отвори Тетекс. Стартуваше со контроверзниот  Бојан Захариев, потоа на ред дојдоа Даниел Радевски, Љупчо Димовски, кој беше тренер на само два меча, Дејан Савевски, за да на крајот спасуваше што можеше да се спаси искусниот Љупчо Марковски-Калц кој преку бараж мечот со Осогово му обезбеди опстанок на Тетекс во второлигашкото друштво.

За разлика од Тетекс, Борец не успеа да се спаси. Убедливо го освои последното место на табелата, без ниту една победа, а смени пет тренери. Почна со искусниот Благој Петров, но тој брзо си замина кога виде колку е часот, без квалитетни играчи, без пари и јако раководство на клубот тешко се игра во Втората лига. Го замени познатиот Никола Аврамовски-Коки, но и тој не издржа долго, брзо си замина. На клупата седнаа најпрвин Марјан Јаковлев, потоа Никола Карчев, на крајот Александар Пановски. Можеби имаше уште некој, но тешко се добиваа информации од Борец. Откако замина главниот спонзор Кочо Анѓушев, некои луѓе од Велес го принудија да си замине, се тргна надолу. Борец испадна од Првата, сега и од Втората лига.

Сепак тука не е крај на тренерскиот егзодус во Втората лига. Саса, која се спаси од испаѓање во последното коло, на клупата беа тројца тренери. Иван  Варадиновски, Љупчо Димитковски-Гањо и младиот Дејан Јанкуловски.

И  други клубови не ги задржаа своите први тренери. Пелистер (Марјан Секуловски, Бобан Бабунски), Кожуф (Ѓоре Јовановски, Трајче Сенев),  Арсими (Бујар Ислами, Билдан Салиу), Беса (Амир Велиу, Александар Таневски), Беласица (Шефки Арифовски, Благој Гуцев),  Детонит Плачковица (Горан Здравков, Иван Варадиновски), Слога Виница (Даниел Стојановски, Крсте Крстев), Гостивар (Октај Дарелоглу, Мурат Дабан). Или вкупно 32 тренери седеа на клупите на 16 второлигашки екипи. Само Вардар (Бобан Грнчаров), Караорман (Дарко Крстевски), Охрид (Петар Џигеровски), Локомотива Пехчево (Баже Јанакиевски) и Воска (Берат Имери) не ги сменија тренерите.

И што е уште поинтересно, само што заврши годинашнава второлигашка сезона, веќе два клуба ги сменија досегашните тренери. Пелистер се раздели од  Бобан Бабунски, го ангажираше  Влатко Костов,  Беласица за нов тренер го назначи Васе Беќаров. Ова е само почеток, до стартот на новата сезона, ќе има уште нови тренери.

Се вчитува...