Кошаркарите на Маџари направија уште еден голем чекор кон елитното друштво откако на гостински терен го совладаа тимот на Соколи од Штип со 73-77, одмаздувајќи му се на овој противник за поразот на домашен терен во првиот круг од натпреварувањето. Откако пред неколку седмици како гости го совладаа и тимот на КК Ангели, тренерот Тодоровиќ и неговите избраници уште еднаш одговорија на предизвикот кога беше најтешко, на жежок терен стигнувајќи до триумф со кој сега се многу блиску до првото место во пресрет на плејофот.
Слично како и против Ангели, мечот не почна најдобро за Маџари, па домаќините стигнаа и до двоцифрена предност. Сепак, тренерот Тодоровиќ и неговите кошаркари не паничеа, се вратија во посакуваниот ритам и успеаја да ја стопат негативата. Клучна беше последната четвртина што Маџари ја доби со 14-23, благодарение на одличната одбрана правејќи целосен пресврт и стигнувајќи до победата на жешкиот терен во Штип.
Ивица Димчевски беше човек на одлука со прецизни слободни фрлања во самиот финиш, поранешниот репрезентативец со 16 поени беше прв стрелец на Маџари и на овој меч, додека по 14 поени за победничкиот тим постигнаа Митков и Нацевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА