Прославениот српски кошаркарски тренер, Душко Вујошевиќ, се наоѓа во тешка здравствена состојба. Вујошевиќ веќе неколку години има потешкотии со дијабетисот, а пред неколку дена на подготовките со селекцијата на БиХ, состојбата му се влошила и тој итно е пренесен на лекување во Белград.
Според информациите што ги објавија српските медиуми, здравјето на 58-годишниот тренер е сериозно загрозено. Лекарите се обидуваат со хипербарична комора да му ја спасат левата нога. Долколку нема подобрување, на Вујошевиќ ќе мора да му биде ампутиран заболениот дел.
Во кошаркарскиот свет Вујошевиќ е познат како тренер со посебен предзнак. Под негово водство израснале многу познати кошаркари, а во својата кариера има и завидни клупски успеси. Вујошевиќ има шест титули во југословенската лига, пет во регионалната АБА лига, со Партизан настапи на завршниот турнир во Евролигата, а во 2009 година беше избран за најдобар тренер во најелитното европско натпреварување.
Од март годинава, Душко Вујошевиќ е селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА