Ракометниот сојуз на Србија преку официјално соопштение упати остри зборови кон легендарниот ракометар во поранешна Југославија и поранешен македонски селектор Веселин Вујовиќ.
„Не може и никогаш нема да седи на клупата на Србија некој што сакаше да намести и продаде натпревар на ЕП во Швајцарија и на сето тоа ги натера репрезентативците! Епилогот на неговите „зделки“ е фактот што нашата земја засекогаш остана без двајцата од најдобрите светски голмани – Арпад Штербик и Данијел Шариќ. Поради Вујовиќ, чесните и исправени момчиња никогаш повеќе не сакаа да го носат дресот со најсветлиот грб, туку беа принудени да играат за Шпанија и Катар“ – истакнаа од РСС во соопштението на јавноста алудирајќи на Веселин Вујовиќ, на тој начин повторно актуелизирајќи ја приказната од ЕП 2006 година во Швајцарија.
Веселин Вујовиќ истакнува дека обвинувањата за „продавање“ на натпреварот на Хрватска на тоа европско првенство се неосновани.
„Сите што беа на тоа првенство знаат дека Вујо никогаш не спомнал таква приказна. Кај играчите пред натпреварот влегоа Зоран Мичовиќ и Зоран Радојичиќ, а тоа го потврдуваат и самите ракометари. Им рекле нешто како „момци, можеби би било паметно, бидејќи ништо не ни значи овој меч, да не запнуваме нешто посебно за да негуваме добри односи со Хрватите за во иднина“. Потоа јас влегувам во соблекувалната, ги прашувам што решиле, и ми рекоа дека ќе гинат за победа. Веднаш се насолзив и им реков дека го тргнале најголемиот товар што сум го имал во животот. Бев и тренер на Загреб, па дали ќе ме ангажираа ако знаеја дека сум подготвен да ја продадам репрезентацијата чиј селектор бев? Претпоставувам дека тогаш мене не би ми значело ништо да го продадам и клубот“ – вели Веселин Вујовиќ.
Исто така, во соопштението од РСС, се нагласува дека „човек кој не ја почитува химната и знамето на нашата земја никогаш нема да биде на клупата на „орлите“.
„Спомнуваат непочитување на химната или знамето, веројатно обидувајќи се да влијаат на луѓето со националистички чувства, да влеат омраза. Стојам исправено на секоја химна, а камоли српската или црногорската. Не можам да не се запрашам до каде оди оваа омраза, оваа желба да ме дискредитираат. Има луѓе кои сакаат да веруваат во се, жал ми е за семејството, но и ова ќе помине. Каква врска има тоа што се оградувам од Ракометниот сојуз на Србија? Што сум јас во Ракометниот сојуз на Србија? Што се однесува до селектор на српската репрезентација, дали сум се понудил да станам селектор? Еве нека ми кажат кој, ако сум направил. Не сакав да дојдам во ситуација повторно да ја започнам ракометната лавина“ – дополнува Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

