Вујовиќ: Има ли некој нормален? Европското првенство мора да се откаже

На седум дена до почетокот на Европското првенство за ракометари кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка бројни репрезентации се соочуваат со позитивни случаи на коронавирус. Пандемијата прва ја затресе репрезентацијата на Франција, а истата не ја избегнаа ниту Словенија, Црна Гора, Србија…

Во македонската репрезентација засега не е потврден позитивен случај, но поради позитивни случаи во таборот на Израел беше одложен вториот контролен дуел кој требаше да се одигра во вторникот.

Поради тоа доскорешниот предводник на Вардар, Веселин Вујовиќ побара откажување на Европското првенство 2022.

„Искрено не ми е јасно кому му е во интерес да се одигра ваков турнир. Колку има смисла селекциите со по шест, седум заразени играчи да патуваат за во случај на позитивен тест тие момци да мораат да бидат во изолација, а потоа по десетина дена без тренинг да се вратат на паркетот и да одиграат натпревар? Тоа нема врска со животот и здравиот разум. Како ракомет ќе гледаме? Никаков, ете каков. А, да не ја споменувам можноста за повреда. Претпоставувам и дека државите домаќини ќе донесат некои мерки па лесно може да се случи турнирот да се игра без публика. Ги прашувам јас сега мудрите луѓе, за кого се игра ова Европско првенство? Моето мислење е дека мора да се откаже. Нема светот да пропадне доколку прескокнеме еден турнир“, изјави Вујовиќ за хрватски „Индекс“.

Се вчитува...