Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ не може да го сокрие револтот од одлуката на раководството на СЕХА да не дозволи учество на македонскиот шампион на Ф4 поради еден позитивен тест на коронавирус во тимот.
Во изјава за српски „Журнал“ Вујовиќ открива дека Вардар е отстранет од завршницата на СЕХА лигата поради позитевен тест на Ковид-19 на Борко Ристовски. По тричасовно заседавање на Извршниот комитет на регионалното натпреварување на кој претседател е и првиот човек токму на Вардар, Михајло Михајловски, одлучено е на Ф4 да оди ППД Загреб а „вардарци“ да се вратат во Скопје.
„Каква срамна одлука. Велат дека е позитивен само Борко додека за седум играчи не поминале 14 дена од втората доза на вакцина, па се критични. Сакавме да го повториме тестот, но и тоа не го допуштија. Сите имаме ПЦР тестови, баравме да направиме повторно. Сакав дури да играм и со 11 играчи кои имаат потврда за вакцинација, но и тоа не го дозволија“ – објаснува Веселин Вујовиќ.
Претходно од СЕХА ја образложија својата одлука…
„По интерната расправа, Извршниот одбор по проверка на документацијата се согласи дека здравјето на учесниците не смее да се загрози. Поради сето тоа одлучено е Вардар да биде исклучен од Ф4, а неговото место да го заземе ППД Загреб“ – соопштија од СЕХА лигата.
Вардар досега учествуваше на сите десет завршни турнири во СЕХА лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА