Првиот вистински тест за македонската ракометна репрезентација на Светското првенство 2019 е денешниот дуел со Хрватска од 18 часот. Мегдан кој треба да даде прва слика за капацитетите на составот на Раул Гонзалес во желбата да се стигне до вториот круг и најдобрите 12 репрезентации на шампионатот.
Според поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, Македонија е тактички подобро поткована репрезентација од Хрватска и покрај поголемите квалитети на индивидуалци кои ги поседуваат „коцкестите“…
„На Хрватска и следи исклучително тежок противник. Македонија е тврда и тактички подобра репрезентација од индивидуално посилната Хрватска. Има одличен селектор Раул Гонзалес кој паметно го одмора клучниот играч Кире Лазаров во одбраната и на место него го внесува Поповски. Двајца млади ракометари се Талески и Кузмановски кои даваат голем допринос во играта, а Филип Лазаров секогаш добро користи со играч повеќе. Стоилов има специфична тежина во тимот на Македонија. Хрватскиот селектор треба да одлучи како ќе и се спротистави на Македонија. Дали ќе го менува составот или агресијата? Јас на играчите секогаш им зборувам дека треба да научат кога треба да трчаат а кога да закочат. Што ни значи ‘брз центар’ освен тоа дека го имаме откако сме примиле гол. Но, ајде да не примиме гол“ – анализира Вујовиќ за хрватски „Индекс“.
„Вујо мајсторе“ притоа потенцира две грешки кои постојано ги прави хрватскиот селектор Лино Червар…
„Домагој Дувњак треба да се дозира, а не пребрзо и прелесно да се потроши. Лино Червар треба да внимава тоа да не го прави, туку спротивното. Без разлика на тоа во каква форма е Дувњак, тој е еден од најдобрите ракометари на светот. Но, кога без потреба игра премногу тогаш се троши и не носи ништо добро за Хрватска. И втората грешка која Лино ја прави е тоа што премалку ротира, како во клубовите така и кога ја води хрватската репрезентација“ – вели Вујовиќ, и дополнува:
„Во играта на Хрватска најголем проблем ја детектирам порозната одбрана низ која лесно се минува иако има многу габаритни дефанзивци. Хрватските дефанзивци се масивни, но и многу спори. Прелесно може да ги минете еден на еден. Како тоа да се запре? Може со одбрана 5-1.“
Македонија и Хрватска во 3. коло од Групата Б на Светското првенство во Германија и во Данска играат денеска во Минхен од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА