Ракометарот на Вардар, Вуко Борозан, откако пред неколку дена објави дека се повлекува од репрезентацијата на Црна Гора, денеска се огласи со отворено писмо до јавноста во кое ја објаснува целата ситуација. Црногорскиот бек нагласува дека не се откажал од Црна Гора и дека и покрај понудите, нема намера да настапува за друга репрезентација.
„Ценам дека е многу важно да се обратам, за да ги прекинам некоректните , и од моја страна со ништо непредизвикани малициозни медиумски шпекулации дека сум одлучил да прифатам понуда од друга држава и црногорскиот дрес да го заменам со дресот на друга национална селекција. Заради вистинските навивачи , заради ракометно Цетиње, моите другари од репрезентацијата и заради неизмерната љубов кон Цетиње и Црна Гора, сметам за неопходно со ова обраќање да ставам точка на сите сите напади и навреди на моја сметка за кои не придонесов со ниеден свој потег. Немам намера никому да се правдам , бидејќи затоа немам никакви причини. Но, не е вистина дека било кому и било кога сум му соопштил дека не сакам да настапувам за мојата единствена татковина Црна Гора. Не е вистина дека сум прифатил понуда да играм за друга национална селекција, како што не е вистина дека на било кој начин сум го известил РСЦГ дека имам намера да го сменам националниот дрес. Националната гордост има поголема тежина од секои пари и материјални добра, и сакам да истакнам дека е вистина дека имав понуди од други национални селекции. И вистината е дека без дилема ги одбив сите такви понуди , за да можам секогаш и во секој момент кога здравјето ќе ми го дозволи, да бидам на располагање за Црна Гора“ – пишува меѓу другото Вуко Борозан.
Во своето обраќање до јавноста ракометарот на Вардар објаснува дека тој го откажал настапот за квалификациските дуели со Словачка за да „чува сили“ за настапите со својот клуб во Лигата на шампионите.
„Разговарав со претседателот на СРЦГ, Зоран Радојичиќ, и се обидов да го известам дека поради честите повреди во репрезентативниот дрес, мојот клуб сака да ме сочува за потенцијалниот историски пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите и дека следејќи го досегашниот коректен однос на својот клуб, можеби нема да бидам во можност да ги одиграм репрезентативните натпреварот против Словачка…“ – пишува Борозан.
Тој открива и дека неговиот договор со Вардар е ревидиран од пет на една година.
„Почитувани господа сакам да го знаете и ова – Вуко Борозан два пати се повреди играјќи за репрезентацијата, после што ми беше ревидиран договорот со РК Вардар од пет на една година. Притоа никој од РСЦГ не покажа ни најмал интерес за мојата состојба и не се удостои да го контактира клубот за кој играм“ – открива Борозан.
Покрај Вуко Борозан, настапот за репрезентацијата на Црна Гора за претстојните квалификациски натпревари го откажа и голманот на Кристијанштад, Небојша Симиќ, а потоа откажа и поранешниот ракометар на Металург, Владан Липовина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА