Македонскиот возач Ристо Вуков го освои второто место во неговата класа, на најпрестижна трка на која настапил еден наш натпреварувач, на Gulf 12 во Абу Даби. Рико имаше солиден резултат и се запозна со возилото со кое следната сезона ќе настапува во Porsche Carrera 911 GT3 Cup во боите на екипата GDL Racing од Италија.
„Првпат седнав во новиот автомобил, со кој ќе ги бранам боите на Македонија во рамките на следната сезона, на меѓународната сцена. Искуството од преку 300 извозени километри на патеката „Јас Марина“ во Абу Даби, е непроценливо. Ме радува тоа што имав одлична комуникација со мојот нов тим ГДЛ Рејсинг, се запознавме како функционира екипата и каков стил на возење имам јас, по што очекувам да имаме одлична соработка во годината што ни претстои“ – вели Вуков.
Рико настапи со Мохамед Хусеин од Дубаи кој следната сезона исто така ќе настапува за GDL Racing, но во друга конкуренција и со легендарниот американски ветеран Џим Микелиан, кој во моментов е прв човек на авто-трките во Лонг Бич, Калифорнија.
„Мојата цел беше да дојдам во Абу Даби, да го почувствувам елитниот свет на авто-трките, да се запознаам со оваа поинаква димензија и со новото возило, да видам кои се моите можности со поршето. Промената од конкуренцијата во која бев, до оваа, е огромен чекор напред. Се надевам дека нема да ги разочарам љубителите на авто-спортот во Македонија, односно дека следната сезона ќе настапам на сите трки од GT3 шампионатот и ќе донесам добри резултати дома.“Ристо Вуков беше најдобар во својата екипа, имаше одлично време и во неговата класа, а резултатски најдоброто од себе и за тимот го даде откако влезе во последниот стинт, кога веќе немаше притисок и кога веќе колку-толку се запозна со поршето“.
Сезоната 2020 почнува на 29 април со официјалното тестирање на легендарната патека Имола, односно на 16 и 17 мај со првата трка која ќе се одржи на уште една престижна патека – Монца.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА