Ристо Вуков го комплетираше настапот во Монако возејќи ја втората трка од сезоната во Порше Суперкуп, каде што се натпреварува втора година по ред.
На крајот од трката која беше мошне монотона и повлијаена од стартниот поредок во квалификациите, тој стигна до 18 место, откако стартуваше од 20 место. Во трката која се возеше како дел од програмата пред Ф1 спектаклот имаше вкупно 24 возачи во највисокото светско ниво на ова натпреварување.
Споредувајќи со минатата година, оваа трка имаше побрзо темпо и во неа Вуков возеше најбрз круг од 1:35.297 или скоро 3,5 секунди побрзо (1:38.675 во 2023). Компаративно гледано, првите двајца лани имаа времиња од 1:34.4, а сега истите возачи беа половина секунда побрзи со времиња од 1:33.9 што укажува дека имало подобро услови за возење и дека конструкциите еволуирале.
„Минатата година имав тежок старт бидејќи се откажа трката во Имола поради поплавите во Емилија Ромања, а во Монако го оштетив возилото со преголема желба да се докажам. Тоа ми беше лекција и оваа година бев многу повнимателен на тренинзите и квалификациите, односно се обидов да го дадам најдоброто од себе во трката. Морам да признаам дека со инженерите се одлучивме „да се коцкаме“ и да преземеме извесни ризици при штелувањето, кои на крајот не ни се исплатеа. Имено, отидовме еден чекор поагресивно при тунирањето, очекувајќи дека е можно да има излетувања и прекин, односно излегување на возило за безбедност. Тоа не се случи, па во последната третина од трката веќе ми беа истрошени пневматиците и немав шанса за напредок во финишот. Задоволство ми е да видам дека сум бил 3,5 секунди побрз во најбрзиот круг во трка, но сепак свесен сум дека имам уште простор за напредок и тоа е она што ме мотивира“ – вели Вуков.
Третата од предвидените 8 трки во календарот ќе се вози на 30 јуни, во Австрија, а пред тоа Вуков планира најмалку две тестирања со својот тим Омбра од Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА