Македонскиот автомобилист Ристо Вуков на завршниот гран-при викенд од Порше Карера Куп Италија што се одржува на патека „Монца“ крај Милано, пружи нова фантастична партија со која уште еднаш го покажа својот потенцијал.
Променливите временски околности со повремените и местимични дождови направија во квалификациите тој да го освои 17 место, но во првата трка од предвидените две, на која настапија 33 возачи, тој успеа да напредува до седмата позиција. Она што беше главно обележје е дека патеката беше мошне влажна и се возеа два формациски круга за се обезбедат услови за старт. За споредба, во квалификациите на патека која тогаш се сушеше, се постигнаа времиња од 1 минута и 49 секунди, додека во трката откако повторно заврна дожд, првите кругови се возеа речиси 20 секунди побавно.
Вуков на почеток се проби до 13 место, но брзо напредуваше до првата десетка. При првиот прекин поради излетувањето на Малвестити, тој се најде на осмата позиција, а нешто подоцна при вториот прекин тој дојде до седмата позиција. Имајќи предвид дека според правилата во втората трка се ротираат првите шест возачи, Вуков направи притисок во рестартот да дојде до посакуваното шесто место и успеа во тоа, но при еден контакт со ривалите заработи оштетување на гумата и со многу среќа ја заврши трката, но во последните метри беше престигнат и финишираше како седми.
„Навистина е тешко да се најдат вистински зборови, бидејќи оваа сезона квалификациите ми се вистински кошмар. Тимот добро го подготви возилото за трката и во тие услови верувајте ништо не се гледаше, мислев дека ќе ја прекинат трката. Беше прашање на преживување, да се остане на патеката, да не се направи грешка. Успеав да престигнам неколку возила на стартот, а потоа и некои од оние кои возеа побавно, но дури кога се случи прекинот на средина од трката имав време да сфатам дека сум на осмо место и дека имам шанса за солиден пласман. Продолжив да притискам и да вадам максимум од возилото, а тоа даде резултат и стигнав до посакуваното шесто место, но тогаш се случи малерот. Да имаше трката уште еден круг или немаше да финиширам или ќе ме престигнеа, но вака сум одлично мотивиран за трката во недела!“ – истакна Вуков.
Ова не е прв пат Вуков да заблеска во Порше Карера Куп Италија, бидејќи и на претходниот гран-при викенд во Франчакорта од 16 место на стартот стигна до 9 место во првата трка, а во втората се подобри и се бореше за пласман на подиумот, но заврши на четвртото место. Воедно, тој е на десетто место во генералниот пласман и еднинствен кој меѓу нив има освоено бодови на секоја трка!
Втората трка на Монца се вози денеска, а ќе се емитува на „Телевизија 24“ со почеток во 12:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА