WE ARE READY! Ракометниот гениј Раул и неговите воини ја освојуваат Европа!

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски  

Подготвени сме“, а како и не би биле кога на клупата имаме врвен стратег, тренерот на актуелниот европски шампион.

Не е тајна дека најголемите надежи на македонската јавност на овој шампионат се полагаат во Раул Гонзалес и неговата ракометна генијалност, со надеж дека дел од „магијата“ направена во Вардар ќе ја повтори и во нашиот национален тим. Шпанецот за кратко време од работ на амбисот ја крена Македонија на врвот од квалификациската група, „црвено-жолтите“ за првпат завршија еден циклус како првопласирани, а во последните триесетина дена напорно се работеше на уште поголем напредок во нашата игра, како во нападот, така во одбраната.

Во пресрет на стартот на ЕП 2018 во Хрватска, еве неколку аспекти во кои Раул Гонзалес ја подобри македонската репрезентација во однос на својот претходник, Лино Червар.

Бришење на „седум на шест“

„Магијата“ на Лино Червар беше да ја убеди (речиси) целокупната јавност дека Македонија е неспособна да игра „шест на шест“ во нападот против сериозни репрезентации, па речиси целиот лански мундијал го минавме со тактика „седум на шест“. На Раул му требаа само неколку дена за да ја урне оваа теза на својот претходник, за експресно да го земе скалпот на Исланд, истиот ривал со кого Червар се мачеше и едвај зеде бод во Мец. Самодовербата во нападот е крената буквално кај сите ракометари, имаме разноврсност и повеќе не зависиме исклучиво од ударите на Кире Лазаров.

Одбрана пет – еден

Македонија со години наназад главниот акцент во одбраната го става на вообичаената 6-0, но Гонзалес со воведувањето на 5-1 дава дополнителен квалитет. Тој извонредно ја има проучено оваа формација, впрочем со нејзината целосна адаптација во Вардар „црвено-црните“ станаа европски шампиони, а нема причина да се сомневаме дека Раул ќе стори се за таа беспрекорно да функционира и во македонската репрезентација.

Крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски делуваат идеално за најистурени во зоната, со својата брзина подготвени во секој момент да пресечат акција на противниците.

Помалку замени одбрана – напад

Добро познато е дека Јоноски и Велко Маркоски со години наназад се столбови на нашата одбрана, но воопшто не играат во нападот. Ако на ова се додаде дека и капитенот Кире Лазаров многу ретко настапува во дефанзива, очигледни беа проблемите што се создаваа во обидите понекогаш да се променат и тројца ракометари во фазата напад – одбрана. Ривалите го знаеја тоа и умешно го користеа, со брз центар или полуконтри стигнувајќи до лесни погодоци.

Раул го реши тоа со вклучувањето на Талески и на Кузмановски во одбраната, двајцата млади бекови имаат улога во срцето на одбраната, некогаш играат заедно, некогаш во комбинација со Маркоски или Јоноски, но таа слабост во нашата игра дефинитивно е отстранета.

Голманска анализа

Борко Ристовски со доаѓањето на Раул Гонзалес за селектор веднаш се врати на голот на Македонија, а асот на Барселона веднаш и откри детали од работата на претходниот селектор, кој голманите за дуелот со Чешка (убедлив пораз во Плзен) ги подготвувал со видео-материјали од Металург.

Шпанецот е далеку постудиозен од Хрватот кој акцент ставаше на мотивацијата, па одбраната делува многу посигурно, а голманите се далеку подобро информирани кои се омилените места за шут на противничките ракометари.

Се вчитува...