Настапот на најдобриот црногорски ракометар, Вуко Борозан, на ЕП во Хрватска и натаму е неизвесен, а селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ, за тоа најголема причина наоѓа во притисокот од Македонија.
Ракометарот на Вардар пред Нова Година имаше сообраќајна несреќа во близина на Цетиње, во која го повреди мускулот на ногата што пак го доведува во прашање неговиот настап на ЕП. Според Ѓукиќ, на Борозан останува одлуката дали ќе игра или не, а тука пресуден според него е притисокот од клубот и од македонската јавност. Македонија и Црна Гора ќе играат меѓусебе во групата Ц на ЕП.
„Немам нови информации кога е во прашање состојбата со повредата на Вуко Борозан. Можам да го повторам само она што го реков, дека добредојден е секој играч што сака да игра за Црна Гора. И тој е секогаш добредојден, но тој мора сам да ја донесе таа одлука. Што се однесува до нас, нема притисок и тој е добредојден, но веројатно трпи притисок и од страна на клубот и од страна на целокупната македонска јавност, бидејќи се прави атмосфера дека однапред се откажуваме од неговиот настап на првенството. Желба на сите нас е настпот на ЕП да не го завршиме после првата седмица и после три одиграни натпревари, а имаме право да направиме измена во составот и сето тоа е отворено“ – изјави Драган Ѓукиќ за црногорските медиуми.
Црна Гора вечерва во Сплит загуби од Хрватска (22-25) во првиот и за Црногорците единствен контролен натпревар пред настапот на ЕП. Ѓукиќ и покрај поразот изрази задоволство од играта на црногорската репрезентација.
„Вечерва бевме на високо ниво. Има сегменти во играта кои можат да бидат и на повисоко ниво, но беше евидентно дека и двете екипи се во полни подготовки и дека на играчите им се тешки нозете“ – истакна селекторот на Црна Гора.
Црна Гора ќе биде еден од противниците на Македонија во групата на ЕП во Хрватска. Дуелот меѓу Македонија и Црна Гора е на 15 јануари и според многу проценки ќе биде решавачки за пласман во следната фаза од ЕП во која одат најдобрите три репрезентации од групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА