За прв пат во историјата на европските ракометни купови, ЕХФ воведува електронски тајм-аут. Новиот систем премиерно ќе биде применет на престојниот Ф4 турнир од Лигата на шампионите во женска конкуренција што ќе се одржи викендов во Будимпешта, а потоа и на завршницата во Купот на ЕХФ во Магдебург (19-20 мај) и на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн (26-27 мај).
Со оваа новина, тимовите ќе имаат можност да побараат тајм-аут со притискање на сирената на електронскиот уред, наместо со ставање на познатиот зелен картон на записничката маса.
Електронскиот уред е поврзан со официјалниот семафор и со притискање на копчето директно ќе се запира времето. Дополнително, звучниот сигнал ќе биде знак за сите страни дека е побаран тајм-аут.
Основните правила за бројот на тајм-аутите за секој тим остануваат непроменети и тајм-аут може да побара само тимот кој има посед на топката.
Ако топката е во посед на противничкиот тим, а тајм-аут побара другиот тим, тогаш следуваат казни за тимот што ги прекршил правилата:
-прогресивна казна за официјалното лице што побарало тајм-аут.
-седмерец за тимот што ја имал топката во посед.
-тимот што побарал погрешен тајм-аут, губи еден од дозволените тајм-аути
Доколку е побаран тајм-аут додека противничкиот тим е во чиста шанса за гол, тогаш следуваат следниве казни:
-црвен и син картон за официјалното лице што побарало тајм-аут
-седмерец за тимот што бил во напад
-тимот што побарал погрешен тајм-аут, губи еден од дозволените тајм-аути
За потсетување, спорна ситуација со тајм-аутот имаше токму ЖРК Вардар во ланското финале на Ф4 во ЛШ против Ѓер, кога делегатката на ЕХФ, Јута Ерман Волф, му го зеде зелениот картон на Едуард Кокшаров тогаш во улога на официјално лице на клупата на вардарки, и наместо него повика тајм-аут. Коинцидентно, Германката Јута Ерман Волф и годинава ќе биде на записничката маса во Будимпешта како делегат на ЕХФ на полуфиналниот дуел меѓу ЖРК Вардар и Ростов Дон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА