Луис Хамилтон за време на трката во Барселона морал да се откаже од дополнителното шише со вода. На тој начин Мерцедес решил да го компензира проблемот со потешките болиди, кои според мислењето на стручњаците, се за 5 кг потешки од болидите на Ферари.
При крајот на трката во Барселона, Хамилтон на тимското радио звучеше помалку истоштено, но успеа да се справи со дехидрирањето и да го задржи зад себе Себастијан Фетел. Британецот на крај заврши на првото место ја ја намали разликата со Фетел во генералниот пласман на возачи на само шест бода.
„Од првиот свиок до финишот во Барселона, притискав колку што можев без да внимавам на техниката или на пневматиците. Дадов се од себе и среќен сум што победивме. На стартот Фетел беше како „убиец на патеката“, ни го зеде стартот и се одвојуваше напред со секој круг“ – коментираше Луис Хамилтон по трката за ГН на Шпанија.
Британскиот возач, нагласи дека имал потешкотии во финишот поради недостатокот на вода, но успеал да се справи со проблемот.
„Избравме правилна стратегија и со подобра работа со пневматиците, успеавме да останеме подолго на патеката и во финалната фаза со помеките гуми не му дозволивме на Себ да ме нападне. На крајот бев многу истоштен од дехидратацијата. Немав можност да пијам од шишето со вода бидејќи со тимот решивме да не го инсталираме во болидот за да ја намалиме тежината. Беше тешко“ – истакна Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА