На 25 јуни во Копенхаген ќе се одржи ждрепката со која ќе бидат одредени групите за Светското ракометно првенство во Германија и во Данска. Македонија е една од репрезентациите што го заверија своето учество на Мундијалот преку баражот.
Во двомечот со Романија, македонските ракометари го решија пласманот уште на првиот натпревар во Скопје на кој славеа со 32-24, па и со минималниот пораз на реваншот во Клуж со 25-26, а за десет дена ќе ги дознаат и противниците со кои ќе играат во групата на СП 2019.
Покрај Македонија, пласман на СП 2019 во европскиот бараж обезбедија уште и Австрија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Русија и Шведска. Листата ќе се комплетира денеска со уште две селекции што ќе бидат поуспешни во бараж дулите меѓу Црна Гора и Хрватска и Португалија и Србија што се играат денеска. Според резултатите од првите натпревари, многу поблиску до пласман на СП се Хрватска и Србија.
Директен пласман на СП на ова првенство имаат уште четири европски селекции – Германија и Данска како домаќини на шампионатот. Франција како актуелен светски шампион од СП 2017 на кое беше домаќин и Шпанија како актуелен европски првак од ЕП 2018 во Хрватска.
Африка на СП 2019 ќе ја претставуваат: Ангола, Египет и Тунис. Азија ќе биде преставена од Бахреин, Катар, Саудиска Арабија и Ј.Кореја. Селекцијата на Јапонија на овој мундијал ќе настапи со вајлд-карта од ИХФ.
Листата ќе ја комплетираат уште трите најдобри репрезентации од Пан-Америка.
СП 2019 во Германија и во Данска ќе се одигра од 9 до 27 јануари наредната година. Градови домаќини се Берлин, Минхен, Хамбург и Келн во Германија и Копенхаген и Хернинг во Данска.
Прелиминарната рунда ќе се игра во четири групи со по шест екипи во Берлин, Минхен, Хернинг и во Копенхаген.
Според изборот на организаторите, Германија ќе игра во групата А во Берлин, Франција или Хрватска ќе бидат во групата Б во Минхен, Данска ќе игра во групата Ц во Хернинг, а Норвешка или Шведска ќе бидат во групата Д во Копенхаген. Другите репрезентации ќе бидат распоредени во четирите групи со ждрепката на 25 јуни.
Наместо досегашните елиминаторни осминафинални натпревари, СП 2019 година ќе се игра по новиот(стариот) формат со формирање на две групи во главната фаза.
По три репрезентации од секоја од четирите прелиминарни групи обезбедуваат пласман во главната рунда во која се формираат две групи со по шест селекции. Натпреварите од оваа фаза ќе се играат во Келн и во Хернинг.
Четирите најдобри репрезентации во главната фаза ќе играат полуфинале во Хамбург, а финалето и мечот за 3.место ќе биде во Хернинг.
Репрезентациите рангирани од 4. до 6. место во прелиминарните групи го продолжуваат настапот во „Президент купот“ во Келн и во Копенхаген.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА