За македонските ракометари од денеска почнува вистинската борба на Светскиот шампионат 2023! За докажување пред самите себе, за докажување пред Македонија и сите искрени навивачи но и пред целиот ракометен свет… Докажување дека во оваа подмладена црвено-жолта генерација на Кире Лазаров и тоа како лежи иднина на која може квалитативно да се темели македонскиот ракомет.
Јасно е дека токму пред вакви моменти, клучни два натпревари за националниот тим на првенството во Полска, остануваат на страна полемиките за „плус-минус“ изборот на репрезентативци, за тактичко-техничките определби, кои на крајот на краиштата се одлука и одговорност на стручниот штаб, а целта е единствено ментална цврстина да се избори секој од репрезентативците со улогата во тимот како начин за заокружување на целината за успех. Тогаш кога е најважно…
Македонија ја чека својата прва победа во Краков… Можеби е токму момент за тоа денеска во „Таурон арена“, иако за сите во репрезентативниот табор е јасно дека Холандија е повеќе од сериозен противник. „Лалињата“ ја носат фаворитската улога, а Македонија е тука да се избори за самата себе.
„Холандија и вчера покажа дека се работи за екстра квалитетна репрезентација, игра брз ракомет и треба добро да се помачиме за да стигнеме до победа. Мислам дека имаме шанси“ – ќе рече македонскиот селектор Кире Лазаров за кого хендикеп секако ќе биде повредата на Јагуриновски, на кого повеќе нема да се смета во оваа фаза од мундијалските натпревари.
Анализирана е добро и играта на холандската репрезентација…
„Лук Стајнс е продолжена рака на тренерот, како што е во Париз на Раул, овде е на Олсон. Играч од таков калибар доста работи приметува на теренот и ги поставува работите како треба и се адаптира. Тоа им е голем квалитет. Се уште играат на високо ниво, како во Унгарија. На високо ниво и во одбрана и во напад. Ќе мора многу добро да се подготвиме и многу сериозно да пристапиме на тој меч. Ние, пак, ако сакаме да растеме мора на секој натпревар да пристапиме со позитивна мисла“ – дополнува Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Холандија во 2. коло од Групата Ф на СП 2023 се игра со почеток од 18 часот во „Таурон арена“ во Краков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА